Еден од дебитантите во прволигашката конкуренција, тимот на Голден Арт 2 без проблеми го совлада составот на Партизан Гевгелија, со резултат 51:29, во натпревар од 9. коло од групата А.
За ракометарите на Голден Арт 2 денешната победа беше седма во дебитанската сезона, односно втора на која постигнаа повеќе од 50 погодоци. Во претходното коло, младиот тим на Филип Глигоров славеше над Борец со 51:20.
Во денешниот дуел, кој беше одигран во СЦ ,,Јане Сандански”, тимот на Голден Арт 2 од првата, па сѐ до последната минута беше во водство. Победата ја обезбеди уште во воведниот дел кога се одлепи на 8:1 и започна од минута во минута да ја зголемува резултатската предност.
Откако првиот дел заврши со ,,плус десет” за домаќините, 22:12, вториот дел беше полесен тренинг за ракометарите на Глигоров, додека гостите од Гевгелија веќе потпишаа капитулација и не можеа да се изборат за поблаг пораз.
Најефикасни во победничката екипа беа Бојан Гилев со девет и Петар Стојаноски со седум погодоци. Кај поразениот табот се истакнаа Горан Лисичков со осум и Бојан Љубевски со шест реализации.