Еден од дебитантот во Првата лига, екипата на Голден Арт 2 во дуел од прволигашката конкуренција славеше против Металург РА, со резултат 26:23. На првиот меѓусебен дуел, кој беше одигран во месец октомври, исто така победа оствари екипата на Голден Арт 2 со три гола разлика, 33:30.
За Голден Арт 2 денешниот триумф беше седми во дебитанската сезона и клубот веќе со една нога се наоѓа пред пласман во плеј-оф фазата каде ќе има можност да се бори и за пласман во Суперлигата.
Тимот на Металург РА во најголемиот дел од првото полувреме имаше резултатска предност, која на моменти изнесуваше и три гола разлика, но избраниците на Филип Глигоров кон финишот од првиот дел заиграа поанагжирано и не му дозволија на поискусниот противник да направи поголема предност. По 30 минути игра, резултатот беше 11:10 за Металург РА.
Во продолжението Голден Арт 2, кој на овој натпревар беше предводен од Стаменковиќ, Џигероски, Стојаноски и Пасковски, целосно го надигра ривалот, дојде до 24:19 на речиси седум минути пред крајот и веќе јасно беше дека тимот од Автокоманда ќе има тешка задача да направи камбек во дуелот со расположените ракометари на Глигоров.
Најефикасни во победничката екипа беа Кристијан Стаменковиќ со шест и Немања Џигероски со пет гола, додека по четири реализации имаа Петар Стојаноски и Марко Пасковски. Кај Металург РА се истакнаа Матеј Филиповски, Дамјан Наумовски, Филип Сиљанов и Бранко Јосифовски со по четири погодоци.