Македонија Ѓорче Петров беше домаќин на Голден Арт во натпревар од 12. коло од Групата Б во Првата машка лига на кој гостите остварија лесна и убедлива победа од 42:30 и ја продолжија борбата за првото место.
Дуелот тргна израмнето со реализација на нападите на двете страни. После воведните пет минути контролата на играта и резултатот ја презема Голден Арт, со два брзи гола гостите поведоа 5:3 во 7. минута.
Многу брзо Голден Арт ја удвои предноста и постојано ја зголемуваше. Веќе по само 15 минути игра гостите имаа водство од 12:6. До крајот на првиот дел продолжи ефикасната игра на гостите кои беа многу близу до победата уште на полувреме кога водеа 21:14.
Второто полувреме беше формалност, Голден Арт после само пет минути игра стигна до двоцифрена предност и ја осигура победата и новите три бода. Македонија ЃП немаше сили за изненадување и го забележа седмиот пораз во сезоната.
Ова беше десетти триумф на Голден Арт кој се израмни со Алкалоид на водечката позиција со по 31 бод, но со еден натпревар повеќе. Македонија ЃП останува на средината на табелата односно на 5. позиција со 15 бода.