Голден Арт убедлив, Астраион беше лесна задача

Екипата на Голден Арт во својот последен натпревар за оваа година обезбеди убедлива победа против Астраион од Струмица со 42:26 во натпревар од 13. коло во Првата машка лига од Групата Б.

Првото полувреме мина во потполна доминација на избраниците на Никола Матлиески. Водството од 3:1 на Голден Арт за една минута беше зголемено на 6:2. Во периодот до првата половина од првиот дел, ракометарите на Голден Арт постигнаа 11, а примија само пет погодоци. Тука веќе беше одлучен победникот и со оглед на кратката клупа на гостите, беше сосема јасно дека домаќините ќе одат на висока победа во овој дуел. Голден Арт до крајот на првото полувреме ја „билдаше“ разликата во своја корист и на пауза замина со водство од 23:10.

Астраион во второто полувреме влезе со огромно заостанување и не можеше да ја преполови високата негатива бидејќи домашната екипа не оставаше ни најмал простор во својата одбрана. Во 40. минута резултатот беше плус 12 позитива за Голден Арт, 28:16. Домаќините во последните дваесетина минути чекор по чекор ја зголемуваа разликата за конечни 42:26.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Голден Арт, Никола Димитров со девет постигнати погодоци. Во екипата на Астраион најефикасни со по шест погодоци беа Миливој Котевски, Иванче Ончев и Марко Стојанов.