Голден Арт со висок триумф кај фенерџијата Радовиш

Голден Арт, кој пред мечот важеше за фаворит против фенерџијата Радовиш, ја оправда таа улога со сигурен триумф со резултат 29:37 (9:21).

Од стартот на натпреварот можеше да се насети кој ќе ги освои бодовите на вечерашниот натпревар во Радовиш, по почетните 1:6 и подоцна 5:12 во корист на момците на Владимир Глигоров.

Во останатите, нешто повеќе од 40 минути, Голден Арт рутинирано го приведе натпреварот и освои нови бодови за задржување на водечката позиција во плеј-аутот фазата во Супер лигата.

Најефикасни во победничката екипа беа Христијан Милошески со 11 и Дејан Гошевски со десет погодоци, а за забележување е враќањето на терен, со два постигнати погодоци, на Есад Дрпљанин, по тешката повреда на рамото.

Кај Радовиш листата на стрелци беше предводена од Филип Трајанов со десет погодоци, втор стрелец беше Синиша Павлов, кој пет пати се запиша во листата на стрелци.

Тимот на Голден Арт во следното коло ќе игра против Скопје, додека Радовиш ќе ја пречека Струга.