Екипата на Голден Арт ќе биде посилна во пролетниот дел за играч кој има суперлигашко искуство, а во своите редови го ангажираше ракометарот кој во последните сезони го носеше дресот на Радовиш, Зоран Стојановски.
Станува збор за играч кој во последните неколку години редовно беше дел од најсилната лига, а тој беше еден од играчите кои редовно носеа плус на теренот за тимот на Радовиш.
Со неговото искуство ќе биде добро засилување за Голден Арт во трката за место во Супер лигата, а ова значи дека прволигашкиот плеј-оф добива на уште поголем квалитет.
„Со задоволство ја прифатив понудата да играм за Голден Арт, клуб кој инвестира во македонски ракометари. Екипата е релативно млада со еден до два играчи кои имаат подолг ракометен стаж, а сигурен сум дека со моето искуство ќе придонесам за уште поголеми успеси на клубот“, вели Стојановски.
Тимот на Голден Арт е спој на искуство и младост, а тоа во пролетниот дел од сезоната ќе треба да донесе резултат на теренот.