Екипата на Голден Арт, која во претходното коло беше поразена од Вардар Неготино, во натпреварот против Јехона во рамки од 8.коло во плеј-оф фазата од прволигашкото друштво оствари сигурна победа, со резултат 38:24.
За двете екипи, овој натпревар немаше резултатско значење бидејќи познато е дека Голден Арт од следната сезона ќе настапува во Суперлигата, додека Јехона и наредната сезона ќе биде во прволигашката конкуренција.
Гостите од Гостивар парираа само во првото полувреме, во кое имаа свои моменти, но не успеаја до крај да издржат против второпласираната екипа, која во завршниот дел од првото полувреме ја казнуваше секоја грешка. По нерешениот резултат од 9:9, ракометарите на Никола Матлиески започнаа со својата доминација на терен и на полувреме заминаа со предност од 19:13.
Голден Арт во второто полувреме започна од минута во минута да го зголемува водството. Поради убедливата предност, тренерот на домаќините, Матлиески, шанса им даде на ракометарите со помала минутажа. Јехона се обидуваше да дојде до помала негатива и да го ублажи поразот, но противникот ни за момент не се опушти.
Најефикасни во победничката екипа беа Ивица Илиев со осум, односно Давид Даев и Симон Гучески со по шест гола. Во редовите на Јехона најефикасен беше Алтин Селмани со шест погодоци.