Голден Арт им се врати на победите, до врв ја наполни мрежата на Металург РА

Ракометарите на Голден Арт по поразот во претходното коло од Јуниор КВ, денес беа убедливи против Металург РА и славеа со резултат 38:20 во натпревар од 11. коло во Првата лига од Групата Б.

Домаќините предводени од искусниот Илиев имаа добро отворање во воведиот дел и солидно водство од 5:3. Екипата од Автокоманда за момент намали на минус еден, 4:5, но избраниците на Никола Матлиески со добрата одбрана и успешната реализација во нападите полека ја зголемуваа својата предност која во 20. минута изнесуваше 12:6.

Ракометарите на Миле Бочкаровски преку Георгиевски и Неданоски ја намалија негативата на минус четири, 8:12. Со иста мера одговорија домаќините, врзаа два гола во низа и на неполни пет минути пред крајот на првиот дел имаа сигурна предност од 14:8. Голден Арт на пауза замина со плус седум гола разлика, 17:10.

Во вториот дел, Металург РА до 35. минута постигна четири погодоци, а во својата мрежа прими два. Сепак, поискусната екипа на Голден Арт за само неколку минути повторно дојде до плус седум, 21:14. Преку Гучески и Пасковски, домашната екипа го обезбеди највисокото водство од 28:16 во 45. минута. Голден Арт до последната секунда ја зголемуваше својата предност и на крајот прослави убедлива победа од 38:20.

Најефикасен во Голден Арт беше Ивица Илиев со осум погодоци, сите во првото полувреме, додека по шест постигнаа Симон Гучески и Никола Димитров. Во екипата на Металург РА се истакна Христијан Неданоски со четири погодоци.