Голден Арт издржа едно полувреме, но бодовите останаа за Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер пред својата публика дојде до победа против Голден Арт, со резултат 32:25 (14:14) во натпревар од 2. коло од Суперлигата. Македонскиот вицепрвак победата ја оствари со подобрата игра во вторите 30. минути, откако во првиот дел одигра под своите очекувања.

Ракометарите на Голден Арт со голот на Шилегов го отворија натпреварот со водство од 1:0, додека домаќините со погодоците на Хосни и Костески го презедоа водството победувајќи со 2:1 и од тој момент, па сѐ до 20 минута од натпреварот беа подобриот противник на теренот. Следуваше период во кој избраниците на Ларс Валтер имаа целосно контрола на резултатот, но мотивираните играчи на Никола Матлиески не се предаваа многу лесно и не му дозволуваа на својот ривал уште во првите 30 минути да ја обезбеди победата.

 

По водството на Еурофарм Пелистер од 7:4, гостинскиот тим со серија од 3:0, која беше дело на Даскаловски, Илиев и Гошевски, во 15 минута дојде до минус еден гол негатива, 7:6 и во следните минути домашниот тим никако не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол. Во последните десет минути од првото полувреме се сменија улогите на терен, па така гостинскиот состав со подобрата игра во нападот и одбраната беше екипата која одржуваше резултатска предност.

Избраниците на Матлиески по нерешениот резултат од 9:9 успеаја на дојдат во второто водство на натпреварот од 10:9 и речиси до крајот на првото полувреме беа во предност. Со расположениот Даскаловски на голот, како и разиграните Рајатовски, Илиев и Јакиќ, гостите во еден момент од првиот дел имаа и плус два гола разлика, 14:12, а домашниот тим со двата погодоци на Ѓорговски израмни на 14:14, резултат со кој се замина на пауза.

Веќе беше јасно дека Еурофарм Пелистер ќе треба да го даде максимумот во вториот дел доколку сака да ги освои трите бода. За само неколку минути игра во второто полувреме, домаќините го презедоа водството, се одлепија на 23:17 и во останатите 20-тина минути од натпреварот лесно го наоѓаа патот до мрежата на противникот.

Еурофарм Пелистер во последниот период од натпреварот рутински ја одработи својата задача. Како што одминуваше времето, така домаќинот ја зголемуваше резултатската предност. Ракометарите на Голден Арт кризниот период, во кој скоро 12 минути беа без постигнат погодок, го прекинаа во 50 минута кога Илиев намали на 26:18. До крајот немаше промена на резултатот, па така ракометарите на Ларс Валтер дојдоа до убедлива победа и до нови три бода.

Предводник во победничката екипа беше Усами Хосни со девет постигнати погодоци. Во екипата на Голден Арт се истакнаа Пеце Рајатовски и Мице Шилегов со пет погодоци, додека Ивица Илиев и Тони Јакиќ постигнаа по четири гола во мрежата на домаќинот.