Второпласираниот тим во плеј-оф фазата во Првата машка лига, Голден Арт, немаше никакви проблеми да дојде до победа против Младост, 40:21, во натпревар од 6. коло.
Гостите од Богданци имаа одличен старт и со погодоците на Наумовски, Караиванов и Стоилов отворија со 1:3 по пет минути игра. Избраниците на Никола Матлиески со серија од 4:0, која беше дело на Илиев, Милошески и Даев, поведоа со плус два 5:3 и во останатиот дел од натпреварот константно беа во убедлива предност. Отпорот на Младост траеше само десет минути.
Домаќинот практично го реши овој дуел со одлична серија од 7:0 кога при водство од 7:6 дојде до плус седум гола разлика, 14:7. Водството на Голден Арт се зголемуваше од минута во минута, разиграни беа главните стрелци во екипата, Илиев, Даев, Миланов, и тоа беше сосема доволно за 18:9 на полувреме.
Голден Арт ја имаше целосната контрола во второто полувреме, кое мина без голема борба. Иако, се очекуваше дека Младост ќе ја подобри играта, сепак, ги зголеми грешките и влезе во голема резултатска негатива. Домаќинот само ја потврди добрата форма, го наполна голот на противникот и се загреа за незгодното гостување кај Вардар Неготино во рамки од 7. коло
Најефикасен во Голден Арт беше Ивица Илиев со шест погодоци. Во составот на Младост, Стојан Наумовски постигна осум, додека Митко Стоилов имаше четири реализации.