Годините не му можат ништо – на 41 година доби нов договор со Фуксе

Еден од најдобрите ракометари кои играат на позицијата десно крило, Ханс Линдберг, останува верен на „лисиците“ и дресот на Фуксе Берлин ќе го носи и во следната сезона. Водечкиот стрелец во Бундес лигата со раководството на Фуксе Берлин го продолжи договорот на уште една сезона.

Ракометарот од Данска, кој во својата кариера има освоено златен медал во Лигата на шампионите со Хамбург, иако, има 40 години, сепак, сѐ уште игра како во најдобрите денови и претставува важна алка во составот на Фуксе Берлин.

Линдберг во екипата на Фуксе Берлин пристигна во текот на 2016 година од Хамбург. Во својата кариера настапуваше и за клубовите од неговата татковина, ГОГ и Виборг. На 1 август ќе наполни 41 година, но за него годините се само бројка.

Македонската јавност добро го памети искусниот ракометар, посебно по несреќниот пораз на македонската репрезентација на ЕП во Србија (2012), кога Линдберг со гол во последната секунда и донесе важна победа на Данска.