Голманот од Велес, Виктор Гигов, кој со години „жари и пали“ по странство, ја продолжи соработката со грчки ПАОК. Македонскиот голман (43) и раководството на тимот од Солун се договорија на нова едногодишна соработка. Гигов во ПАОК пристигна во сезона 2020/21 и покажа одлични партии во грчкиот шампионат. Со клубот на домашна сцена ја освоија 2. позиција во првата сезона, додека минатата сезона завршија на третото место во плеј-оф фазата.
Иако имаше уште неколку понуди за новата натпреварувачка сезона, искусниот голман од Велес реши да продолжи во амбициозниот клуб од Солун, кој повторно ќе се натпреварува на европска сцена.
„Пред да ја продолжам соработката со ПАОК, на моја адреса имав и други понуди. Сепак, приоритет му дадов на ПАОК, бидејќи веќе две години настапувам за овој тим, понудените услови ми се допаднаа и со раководството на тимот решивме да ја продолжиме соработката. Договорот беше продолжен на уште една сезона, па така и во новата сезона ќе настапувам во грчкиот шампионат. Моментално не размислувам што ќе биде наредната сезона, фокусиран сум и се подготвувам за оваа сезона, во која ќе имаме различен распоред, тука ќе бидат и европските натпревари и нема воопшто да биде лесно на домашна сцена”, изјави Гигов за 24Ракомет.
Велешанецот како најголеми фактори за издржливоста на теренот ги истакнува самодисциплината, мотивацијата и желбата за работа, со цел да се успее во она што се посакува.
„Можам да кажам дека самодисциплината, одржување на мотивацијата и напорната работа се мојата тајна за издржливоста во овие години. Исто така многу е важен одморот за да можат да се регенерираат мускулите после силните тренинзи, натпревари…Како посебно важно би го издвоил и правилното загревање. Тука голем фактор игра и исхраната и одржувањето на телесната тежина. Исхраната мора да биде богата со протеини и да се избегнуваат шеќерите. Денес, скоро сите спортисти внимаваат на овие работи”.
Во новата сезона, родниот град на Гигов, Велес ќе има два претставници во Првата машка лига. Неговиот матичен клуб Борец и новиот прволигаш Бисинов, кој во изминатата сезона го освои трофејот во пионерскиот шампионат. Гигов смета дека за одржување на еден клуб потребен е однапред утврден план и програма и голема финансиска помош.
„Велес секогаш важел за ракометен град. Борец е клуб со традиција уште од далечната 1960 година. Овој клуб има произведено голем број на ракометни имиња и македонски репрезентативци, кои оставиле белег во ракометот. Но, за да се одржи еден клуб на подолг временски период, потребна е стабилна финансиска состојба и долгорочен план и програма. За жал, денес сѐ потешко се наоѓаат спонзори и затоа е тешко да се одржуваат клубовите на подолга стаза. Борец и Бисинов располагаат со млади таленти и мислам дека времето работи за нив. Ќе биде интересно како ќе се покажат во новата натпреварувачка сезона”.
ПАОК во изминатите две сезони ги оствари зацртаните цели, а Гигов смета дека и покрај големите промени во играчкиот кадар за наредната сезона, клубот ќе може рамноправно да се носи против сите екипи во грчкото првенство.
„Во изминатите две сезони со ПАОК ги остваривме зацртаните цели, тие беа клубот да обезбеди излез на европска сцена и успеавме во тоа. Не би издвоил некој посебен натпревар од грчкиот шампионат, секој натпревар си има своја тежина и секој натпревар не е воопшто лесен. Оваа година се вратија и навивачите на трибините кои беа отсутни подолг временски период поради ковид ситуацијата. И во новата сезона амбициите на клубот се успешно претставување во домашниот шампионат, како и во Европа. Клубот за новата сезона направи голема промена на играчкиот кадар, но се надеваме да остварување на целите”.
Во следната сезона шампионатот на Грција ќе биде доста интересен, со оглед на засилувањата кои ги ангажираа грчките клубови, посебно шампионот Олимпијакос и вицепрвакот АЕК Атина. Ракомет во Грција и понатаму останува во сенка на фудбалот, но од сезона во сезона сѐ повеќе има вложувања во ракометните клубови.
„Ракометот во Грција не е како кај нас, односно не е спорт број еден. Сепак, од сезона во сезона тамошниот шампионат станува сѐ поинтересен и поквалитетен. Сѐ повеќе се вложува во грчкиот ракомет. И машките и женските екипи носат звучни имиња и клубовите кои учествуваат во Европа сакаат да се претстават во добро светло и да направат солиден успех”.
Гигов не знае кога ќе ја заврши играчката кариера, но се надева дека по завршувањето, ќе остане во ракомет, а моментално, своето знаење и искуство како голман им го пренесува на голманите во Солун.
„Кога настапував во Турција, но и во овие сезони во Солун работам како тренер на голманите во машка и женска конкуренција. Откако ќе ја завршам кариерата, јас се надевам дека ќе продолжам да работам во ракометот. Тоа сум го сакал и сум го работел целиот живот. Јас се пронаоѓам во ракометот, го сакам овој спорт, а кога ќе ја завршам кариерата, сѐ уште не знам“, заврши Гигов.
Покрај настапите на домашна сцена, Гигов и ПАОК ќе бидат активни и на меѓународна сцена во Европскиот Куп, а ќе бидат и гости на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп кон крајот на месец август.