ГОГ триумфално низ Португалија, го остави Порто на дното

Ракометарите на ГОГ се израдуваа на втората победа во Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај Порто триумфираа со 33:26 во натпревар од 5. коло од групата А. ГОГ со освоените нови два бода се вклучи во борба за подобар пласман во својата група и сега има пет бода, колку што има и Висла Плоцк. Порто останува на дното на табелата без бодови.

Данскиот шампион победата ја обезбеди уште во првото полувреме, во кое покажа дека моментално е за нијанса подобар од португалскиот тим, кој во првите 30 минути парираше само во воведниот дел. Ракометарите на Порто само на почетокот беа рамноправен противник. По водството на домаќините од 2:1, данскиот тим започна со доминацијата на теренот и веќе кон средината на првото полувреме се одлепи на сериозна предност.

ГОГ во првите десетина минути водеше со три до четири гола разлика и во 15 минута дојде до плус пет, 10:5. Порто никако не можеше да фати ритам и започна да го губи натпреварот. Откако ГОГ имаше водство од пет гола разлика, во последниот период од првото полувреме дојде и до поубедлива предност. Разиграни беа Питлик и Толбринг, меѓу стативите одличен беше Тулин, кој првото полувреме го заврши со 11 интервенции, па така ГОГ стигна и до водство од 14:7. На полувреме резултатот гласеше 15:10 во корист за гостинскиот тим.

Во вториот дел, односно во 40 минута при водство на ГОГ од 21:14, стана јасно дека Порто ќе има тешка задача да дојде до евентуален пресврт. Како се доближуваше крајот ГОГ имаше активен резултат, кој што му гарантираше сигурна победа. Во 45 минута водството на ГОГ беше 25:17, додека на десетина минути пред крајот избраниците на Крикау имаа 28:20. Екипата на ГОГ рутински ги одработи последните минути и стигна до втората победа во најквалитетното европско натпреварување.

Најефикасни во победничката екипа беа Џери Толбринг со девет и Симон Питлик со седум погодоци. Во поразениот табор се истакна Џек Турин со пет погодоци. Македонскиот голман Никола Митревски на голот на порто забележа две интервенции.