Екипата на ГОГ пред својата публика го доби дерби дуелот против Порто, со резултат 34:33, во рамки од 10. коло од Лигата на шампионите. Во неизвесен натпревар, со многу пресврти, изедначувања, подобро се снајдоа домаќините, кои од готово си направија вересија, па можеа и лесно да загубат.
За ГОГ денешната победа беше четврти триумф во најквалитетното европско натпреварување. Тимот од Данска на табелата во групата А е позициониран на 5. позиција со девет бода, додека Порто е на дното на табелата со само еден освоен бод.
Двете екипи имаа свои моменти во првото полувреме. Гостинот од Португалија во најголемиот дел од првите 30 минути имаше резултатска предност, но не поголема од гол позитива. Откако беше 13:13 во финишот од првиот дел, домаќините се одлепија на 15:13 и со два гола предност заминаа на пауза.
Вториот дел донесе голема неизвесност, особено во финишот од натпреварот. ГОГ до 50 минута беше чекор пред ривалот, во еден момент имаше и три гола разлика (24:21), но тимот од Порто не се предаваше и во последниот дел целосно се врати во игра.
Откако ГОГ водеше со 30:28, гостите со три гола во низа направија пресврт и поведоа со 31:30. Во последните минута двата табора наизменично се менуваа во водство и само нијанси одлучуваа кој ќе биде победникот.
Беше 32:32 на речиси три минути пред крајот, потоа домаќините постигнаа два гола во низа, дојдоа до 34:32 и беа повеќе пофокусирани во одлучувачките моменти. Порто во последната минута намали на 34:33, домаќините не реализираа пенал, откако Никола Митревски одбрани, но за португалскиот тим немаше време за напад и бод од големата драма.
Најефикасни во победничката екипа беа Мортен Олсен со десет и Џери Толбринг со осум погодоци. Кај Порто се истакна Леонел Фернандез со шест гола, додека Никола Митревски натпреварот го заврши со четири интервенции.