Глен Солберг – од криминално друштво преку Втора лига до злато на ЕП

Репрезентацијата на Шведска победи во финалето на Европското првенство во Унгарија и Словачка победувајќи ја Шпанија со 27:26. Ова беше ново првенство во која клупата селекцијата ја предводеше норвешкиот стручњак Глен Солберг кој пред само три години водеше тим од втората лига во Норвешка. После минатогодишното финале во Египет во кое загубија од Данска и беа сребрени на Мундијалот, сега Швеѓаните дојдоа до триумф и конечно после 20 години до европско злато.

Солберг има многу интересно минато од криминал во детските денови, преку канцелариска работа до водење на клуб од втората норвешка лига и репрезентацијата на Шведска. Рускиот „Брз Центар“ направи пресек на кариерата на Солберг.

Глен Солберг детството го поминал во областа Лиер, тој имал двајца постари браќа. До својата 11 година како момче уживал во слободата на животот, се дружел со своите врсници, пушеле цигари, вдишувале бензин и дури краделе автомобили. Неговиот живот можел да се движи во многу погрешен правец, но неговото семејство се преселило во друга област. Во новото училиште повеќето деца играле фудбал или ракомет, па така и тој почнал да се занимава со спорт.

Солберг извесен период бил растргнат меѓу двете групи на дружини, онаа со криминални навики и новото друштво со спортски навики. Фудбалскиот тренер Андерс Егам успеал да го оттргне од криминал и го извлекол од лошото друштво. Самиот Солберг вели дека тренерот многу се грижел за него и практично му го спасил животот.

Подоцна Норвежанецот почна да игра ракомет во клубот Рејштад, а својот прв професионален договор го потпиша на 20 години кога од матичниот клуб премина во Драмен. За пет години колку што играше во Драмен, Солберг стана шампион на Норвешка, го освои Купот на земјата и Купот на градовите. Откако го постигна овој успех во домашното првенство следуваше првиот трансфер надвор од Норвешка. Средниот бек во 1994 година за првпат го облече дресон на Норвешка и за репрезентацијата има постигнато 250 гола на 122 натпревари.

Во 1997 година, Солберг премина во Бундес лигата во екипата на Нордхорн. Само една година подоцна со својот поранешен колега од Драмен, Фроде Хаген заминаа во пакет во Барселона. За две години во каталонскиот тим освоија титули во шпанското првенство, Купот на ЕХФ и Купот на кралот, а потоа нивните патишта се разделија. Следната дестинација на Солберг беше Фленсбург каде што помина две години и потоа на 34 годиншна возраст се врати во Драмен каде што стави крај на кариерата.

Иако Глен сакал да направи пауза од ракометот пред да започне тренерска кариера, тој се вратил на терените многу побрзо од очекуваното и тоа како играч. Во 2009 година кога Драмен имал проблеми со повредени играчи тренерот Маринко Куртовиќ го повикал Солберг. Тој без двоумење се согласил да му помогне на тимот. Како што вели Солберг не се двоумел многу повторно да игра за Драмен и тоа го искористил да се заблагодари на клубот за сè што му овозможил.

Во 2012 година Солберг се приклучи на стручниот штаб на вториот тим на репрезентацијата на Норвешка, а потоа стана и асистент на првиот тим. Глен не се согласил од првпат да стане помошник на Хедин, но после долго убедување од две години тој прифатил. После неколку недели Хедин поднесол оставка, а на неговот место пристигнал Крситјан Берге. Солберг му помагал на Берге во градење на тимот, а особено во привлекување на млади играчи. Еден од играчите кон кој му посветиле посебно внимание е тогаш младиот Сандер Сагосен.

Во 2013 година, Солберг се приклучил на клубот Сен Холвард од неговиот град Лиер. Тој прво работел како дел од стручниот штаб и еднаш неделно доаѓал на тренинизите за по две години да стане главен тренер на клубот. Под негово водство клубот од втората лига обезбеди пласман во елитната лига на Норвешка. Ова било мотивација тој повеќе да се посвети на работата во клубот каде што останал да работи до 2019 година. Последната сезона Солберг работеше како советник на Мајк Макула во Фленсбург.

Соработката на Солберг со репрезентацијата на Шведска почна во март 2019 година. Веднаш се појавија информации дека тој ќе биде и наследникот на Кристијан Андерсон. Од есента истата година Солберг поактивно се вклучил во активностите на репрезентацијата, а од јануари 2020 година тој официјално станува селектор на Шведска. Договорот на норвешкиот стручњак со Шведска е на четири години.

Откако стана тренер Солберг разговараше со многу играчи кои веќе не играа за репрезентацијата, па Екберг и Ду Риц се согласија да се вратат во националнит тим, а исто така и ветеранот Ким Андерсон беше подготвен да се врати. Првиот натпревар на Солберг на клупата на Шведска беше против Романија кога победија со 33:30, а потоа и против Косово во квалификациите за ЕП 2022 кога победија 30:16.

Светското првенство во Египет беше првото големо натпреварување за Солберг во неговата тренерска кариера. Тој со сигурност ја исполни својата мисија во репрезентацијата на Шведска уште на првото големо натпреварување. Како што вели самиот „Мојата цел е да ја вратам Шведска во врвот и да се борам за медал на сите турнири“.

Шведска го освои сребрениот медал што за Солберг значеше освојување на одличје во првото свое учество на голем настан како тренер. И самиот потврди и беше задоволен изданието на неговата екипа на ова првенство. Сега после една година покажа напредок со составот и голем трофеј бидејќи Шведска чекаше 20 години за нов пехар и успеа да стигне до него откако ја совлада Шпанија. Ова само му ја забетонира позицијата на Солберг и тој сега има нов предизвик наречен злато на Светското првенство во 2023 година.