Високиот пораз од 22:31 претрпен на гостувањето кај тимот на Ференцварош беше причина за вклучување на алармот во редовите на Ѓер, па денеска му беше врачен отказ на тренерот Габор Дани.
Тој повеќе не е на позицијата, а одлуката за неговото отпуштање беше образложена од страна на претседателот на клубот.
„После болниот пораз, мора да им се извинам на сите наши фанови, кои постојано не бодрат. Тие не го заслужија ова на еден од најважните натпревари во годината. Како шеф на клубот морам да ја одиграм мојата улога. Нашата одлука е да го отпуштиме тренерот, Габор Дани. За дуелот против Дебрецен тимот ќе го подготвуваат Анита Гербиц, Атила Кун и Золтан Холанек. Мораме да бидеме сите заедно. Ќе направиме сè за да ги одбраниме трофеите во првенството на Унгаријаи во Лигата на шампионите“, вели претседателот на клубот, Чаба Бартa.
Овој пораз донесе израмнување според бројот на бодовите меѓу Ѓер и Ференцварош така што титулата веќе не е така сигурна за ракометарките кои доминираат во последните години во Унгарија.
Претходно беше познато дека Габор Дани ќе го напушти клубот на крајот од оваа сезона, а на негово место ќе дојде Амброш Мартин, кој пред извесно време си замина и од кормилото на репрезентацијата на Русија и од тимот на Ростов Дон.
Мартин беше тренер на тимот на Ѓер од 2012 до 2018 година, па сега само се враќа на местото каде ги имаше најголемите успеси во кариерата.