Двете репрезентативки на Македонија, Леонида Гичевска и Сања Дабевска, кои во новата сезона го засилија хрватскиот шампион Локомотива Загреб, имаа солиден настап на првиот официјален натпревар.
Локомотива Загреб на стартот во домашниот шампионат оствари убедлива победа против составот на Сплит, со резултат 30:18 (14:10). Иако ракометарките од Сплит во првите 30 минути дадоја силен отпор, сепак, во вториот дел избраничките на Ненад Шоштариќ со подобрата ангажираност ги освоија планираните два бода.
Гичевска во натпреварот против Сплит имаше 100% реализација, два гола од исто толку обиди, додека кружниот напаѓач Сања Дабевска постигна еден гол и одигра одлично во одбраната. Третата македонска репрезентативка во редовите на Локомотива Загреб, Андреа Седлоска не успеа да се запише во листата на стрелци.
Натпреварот против Сплит беше загревање за Локомотива Загреб за дуелот против Рапид Букурешт во Лигата на шампионите. Хрватскиот шампион на 10 септември во Загреб ќе го пречека романскиот тим и ќе се обиде со победа да ја започне сезоната во најквалитетното европско натпреварување.