Ракометарката од Свети Николе, Леонида Гичевска, која веќе две години настапува во Франција, има голем потенцијал да стане предводник на новата генерација на Македонија. Гичевска заедно со нејзините репрезентативни колешки ќе имаат голем предизвик на Европското првенство оваа година, на кое Македонија заедно со Словенија и Црна Гора ќе биде домаќин на најдобрите европски селекции.
23-годишната ракометарка верува во подмладената репрезентација на Македонија и смета дека континенталниот собир во ноември е вистинска шанса за враќање на стариот сјај на македонскиот женски ракомет.
„Јас сум секогаш оптимист и навистина гледам голем потенцијал, верувам и знам дека можеме да направиме добар успех на Европското првенство, со кој повторно би ја израдувале нашата држава, која живее за ракометот. На изминатите натпревари против Црна Гора и Словенија во рамки од ЕХФ Евро Купот можеби не победивме, но видовме една поразлична игра која што треба да ја надградуваме во иднина. Сега ни останува уште натпреварот против Норвешка од ЕХФ Евро Купот. Станува збор за репрезентација која долги години е во ракометниот врв и актуелен европски и светски шампион. Сепак, тоа не треба да значи дека треба да ги прецениме и да се фокусираме на нив. Напротив, ние треба да се сконцентрираме на нас и на нашата игра. До почетокот на Европското првенство се надевам дека ќе имаме доволно време да се подготвиме и да се покажеме во најдобро светло на континенталниот собир. Знаеме дека едно такво првенство е сон на секој спортист“.
Гичевска моментално настапува во францускиот второлигаш Самбре Авенуа. Иако настапува во Втората лига во Франција, младата репрезентативка на Македонија игра квалитетен ракомет, со оглед на тоа дека втората француска лига е далеку поквалитетна од Супер лигата на Македонија, Хрватска, Словенија….
„Франција е многу поголема земја од нашата држава, има поголем број на жители и со тие споменати работи има поголем број на клубови, многу квалитетни првенства, многу спортисти и на тој начин има многу повеќе натпревари во сезоната. За еден играч да расте ( читај ракометно) му е потребно повеќе натпревари и од таа гледна точка првенството во Франција е многу квалитетно. Секоја лига во Франција и клубовите кои што се натпреваруваат во истата, без разлика дали станува збор за прва, втора, или пак понизок ранг на натпреварување, имаат предвремено одредени буџети за сезоната и одредени критериуми кои треба да ги исполнат за да можат да се натпреваруваат, додека пак во Македонија некои клубови ги немаат ни основните услови за работа“.
Поранешната ракометарка на Вардар, Металург и Куманово во Франција пристигна во текот на 2020 година кога од Куманово направи трансфер во Ле Пужен. Одлуката да се пресели во Франција и да го направи првиот интернационален чекор во својата кариера воопшто не бил лесен, но квалитетот, кој го нуди македонското првенство, како и условите за работа, биле клучни за преселба на француско тло.
„Сите знаеме дека во македонското првенство можеш да играш до одредена возраст, бидејќи не е толку квалитетно и за да напредуваш во својата кариера треба да направиш нов чекор. Јас пред да дојдам во Франција имав понуди од неколку клубови од различни држави. Мислев дека најдобрата опција во моментот ќе ми биде да настапувам во земја која што пред сѐ има квалитетно првенство и традиција за ракомет долги години. Мислам дека во мојата одлука не погрешив (се смее). Јас имав многу поразлично мислење за Франција како земја, но кога пристигнав таму, се покажа баш спротивното. Луѓето во Франција се многу релаксирани кога станува збор за животот и уживаат максимално и секогаш без стрес и нервоза. На пример, имаат многу повеќе одмор отколку работно време (се смее)“.
Првиот интернационален предизвик е секогаш тежок за секој спортист поради јазикот, новата клима, средината…. Гичевска за брзо време се навикнува на животот во Франција.
„Секој почеток е тежок, и мојот прв интернационален чекор беше тежок, но со тек на времето нешто учиш, нешто се навикнуваш и така чекор по чекор се адаптираш. Францускиот јазик е тежок и кога пристигнав во Франција мислев дека го знам бидејќи во Македонија се спремав и учев, но во комуникацијата многу поразлично ми звучеше, како и секој нов јазик. Сега веќе немам проблем и можам да комуницирам. Мислам дека сите знаеме дека на Французите на прво место им е својот јазик, францускиот, па потоа сите други и на некој начин си приморан да го научиш за да можеш нормално да функционираш. Во секое слободно време излегувам за да прошетам и да ги посетам околните места, има навистина убави градови во близина, пример Париз, Брисел… посебно кога времето е сончево, сакам да искористам максимално од слободното време бидејќи живеам во Северна Франција каде во текот на годината времето е многу врнежливо“.
Најголемиот дел од својата кариера го мина во Вардар. Гичевска на само 13 години се преселува во Скопје и почнува успешно да чекори кон зацртаните цели. Од младинските школи на Вардар и добиената шанса во вториот тим на Вардар, во сезона 2017/18 станува дел од дрим-тимот на Вардар, кој тогаш беше предводен од Роберто Парондо.
„Настапот во големиот тим на Вардар секако дека е еден од најубавите спомени во мојата кариера. Да имаш можност да тренираш и да играш со најдобрите на светот е големи привилегија. Поранешниот тренер на Вардар, Роберто Парондо е еден голем професионалец во својата работа. Многу работи научивме во тој период, буквално сите, од тренери до играчи и управа, не само преку тренинзи туку и преку гледање секој викенд квалитетни натпревари во Лигата на шампионите. Тогаш во Скопје доаѓаа моќни клубови кои си заминуваа со пораз. Ракометот е спорт број еден во Македонија и голема штета е што од тогаш, па сѐ до денес, нашата држава нема домашен клуб кој се натпреварува во Лигата на шампионите во женска конкуренција“.
Ракометарката од Македонија е задоволна од настапите за екипата на Самбре Авенуа и нагласува дека најголемиот дел од тренерите во Франција најмногу внимание посветуваат на физичката подготвеност и кондиција.
„Задоволна сум од клубот во кој настапувам оваа сезона. Ми се допаѓа проектот на клубот и неговиот развој. Исто така, задоволна сум од настапите и од добиената минутажа на терен. Амбициите на клубот се освојување на првото место и во моментов тоа добро ни оди, заостануваме само два бода зад лидерот со еден натпревар помалку. Можам да кажам дека овде тренерите најмногу внимание обрнуваат на физичката подготовка и кондиција на играчот. Токму тоа го почуствував најмногу, се чувствувам многу физички подготвена. Со интернационалното искуство секоја година растеш на секој начин и нормално дека постои разлика кога во репрезентацијата доаѓаш како интернационалка. Овде играчите се секогаш на прво место и имаат големо влијание за сѐ“.
Од следната сезона, македонската репрезентативка ќе има нов интернационален предизвик. Таа ќе се пресели во Романија и ќе ги брани боите на Дунареа Браила, каде што веќе настапува Јована Саздовска, а од лето доаѓа и Марија Штериова.
„Среќна сум и возбудена што ќе играм за еден од најдобрите тимови во Романија и Европа. Раководството и претседателот прават одлична работа и градат силен тим за следната сезона. Се надевам дека заедно ќе освоиме многу трофеи во Романија и Европа. Едвај чекам да заиграм за Дунареа“, вели Гичевска.