Денес со натпреварот меѓу Гевгелија и Шампион стартува новата сезона во Женската лига. И двете екипи посакуваат со победа да ја отворат новата натпреварувачка сезона, а екипата од најјужниот град во Македонија има аспирации за добар пласман, со оглед на тоа дека се засили со четири квалитетни ракометарки, од кои две се поранешни репрезентативки на Македонија.
Повратничката во македонскиот шампионат и воедно екс репрезентативка на Македонија, левиот бек Мери Гичева беше првото засилување во таборот на Гевгелија за новата сезона. Прилепчанката, која во својата кариера има настапувано и за клубови од странство, се очекува да биде главна алка во составот предводен од Татјана Бојкова. Освен Гичева, во екипата пристигна уште една поранешна македонска репрезентативка – Ленче Илкова, а беа ангажирани и двете ракометарки од Деспина, Елена Рипилоска и Лиле Димитрова.
Гичева очекува да има добра сезона со нејзиниот нов тим и се надева дека по завршувањето на регуларниот дел од сезоната тимот на Гевгелија ќе игра во плеј-оф фазата од македонскиот шампионат.
,,Ние сме спремни за почетокот на новата сезона, односно за денешниот натпревар против Шампион. Спремни сме да се избориме со сите предизвици кои не очекуваат во регуларниот дел од сезоната. Атмосферата во клубот меѓу девојките е на едно задоволително натпреварувачко ниво. Имајќи во предвид кои се нашите противници во нашата група, мислам дека може да избориме место меѓу првите четири екипи, а со тоа и пласман во плеј-оф фазата”, изјави Гичева за 24Ракомет.
Иако има 38 години, Гичева сѐ уште игра како во најдобрите денови од нејзината кариера и секогаш претставува закана за секој противник.
,,Се надевам дека и на 38 години ќе одиграм една успешна сезона. Најголемиот мотив што ме води на теренот е големата љубив кон ракометот. Секогаш влегувам со истиот жар на терен, мотивирана и спремна да го дадам и последниот атом од мене за екипата во која настапувам. Зад себе имам 24 годишна кариера и во овие поминати години секогаш мојата игра била да се борам до крај и да дадам сѐ од себе на терен”.
Екс репрезентативката на Македонија во својата кариера настапуваше за Кометал Ѓорче Петров, Еуростандард Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа, Жито Прилеп, Деспина, Верија (Грција), Цетате Дева (Романија), Верона (Италија) и во косовските Приштина, Вучитрин и Феризај. Гичева минатата сезона ја мина во косовскиот Феризај, клуб со кој имаше успешна сезона во косовскиот шампионат и условите кои и биле понудени од раководството на Гевгелија биле пресудни да се врати во Македонија.
,,Чест и задоволство е да се игра во нашата земја. За да се вратам во македонскиот шампионат пресудија условите кои беа понудени од страна на Гевгелија, но и дистанцата, која што треба да да ја поминувам, бидејќи обврските и работното место кое го имам во Прилеп не ми дозволуваа да престојувам нон-стоп каде и да сум во друг град или држава. Пред да потпишам за Гевгелија, имав неколку понуди за на Малта и од македонските екипи Деспина и Пелистер, но сепак, одлучив да потпишам за Гевгелија”.
Екипата на Гевгелија во новата сезона ќе игра во групата А заедно со Скопје, Шампион, Спартак, Куманово, Пелистер, Чаир и Вардар. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека екипите кои ќе завршат од 5 до 8 место ќе играат во плеј-аут групата.
,,Топката е тркалезна и никогаш не се знае, но пред сѐ, се надевам на коректна игра од сите противници, свесни сме дека нема да биде лесно со нашите ривали, но наше е да одиграме најдобро што знаеме, да се бориме до крај и се надеваме на многу подобар пласман за разлика од минатата сезонa”, заврши Гичева за 24Ракомет.
Денешниот натпревар меѓу Гевгелија и Шампион, на кој скопскиот тим ќе биде формално домаќин, ќе се одигра со почеток од 19:30 часот во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија.