Тимот на Гевгелија по неочекуваниот пораз од Шампион во првото коло, ја забележа првата победа во новата сезона од Женската лига, откако славеа против составот на Спартак со 35-29.
Избраничките на Татјана Љатева уште од стартот поведоа со 5-1 и најавија дека бодовите остануваат дома. По 10-6, уште една серија до три гола за 13-6.
Пред крајот на полувремето беше 16-11, но искусната Гичева со погодок од слободен удар по истекот на времето во мрежата на Спартак донесе плус шест, 17-11.
Во вториот дел Гевгелија стигна до плус 11, 30-19, но следуваше опуштање во нивните редови, па Спартак успеа да се доближи на 32-27. Сепак немаше време за нешто повеќе и триумфот остана дома.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа искусните Мери Гичева и Ленче Илкова со по девет погодоци, додека кај Спартак се истакна Јана Ѓошевска со 14 гола.