ГЕСТ ЗА ПОЧИТ: Вардарки нема да играат Европа за да вложат во пионерски тим

Со најмладите од генерациите 2010 па и помлади ќе работи Даниела Новеска, поранешна репрезентативка на Македонија. Во зависност од одлуката на РФМ, клубот веднаш ќе пријави пионерски тим, а во Аеродром ќе работи на анимирање на што повеќе деца да почнат да тренираат ракомет.

Женската екипа на Вардар во новата сезона нема да игра во европските купови, иако обезбеди место според пласманот во првенството, а финансиите за таа намена ќе ги пренасочи во формирање и развој на својот пионерски тим, и за другите млади категории. „Црвено-црните“ последниве сезони играат само со сопствени сили, и поголема минутажа дабиваат ракометарките кои потекнуваат од нивните редови. Некогашните славни денови на вардарки со пет настапи по ред на Ф4 турнирот во ЛШ е зад нив, и сега гледаат кон иднината и трасирање на пат кој треба да им донесе откривање на нови ракометарки – репрезентативки.

Сега вардарки сакаат да го прошират своето семејство со нови генерации, и сериозно да се зафатат со анимирање на помладите, особено оние родени 2010 па и помлади и да ги вклучат во светот на ракометот. Тоа ќе биде и почеток на функционирање и на ракометни школи под капата на ЖРК Вардар.

Во тимот на ЖРК Вардар веќе се вклучени неколку македонски ракометни легенди, почнувајќи од Гордана Нацева која е претседател на клубот, па Индира Кастратовиќ, Анжела Платон, Маја Папуџиева. Тренер на сениорките и младинките е Александар Царчев. Општината Аеродром ќе биде базата на тимот. Во моментов нема ниту еден женски тим во Општината со над 100.000 жители, и тоа е можност да се создаде база од каде ќе се собира квалитетот.

„Веќе неколку години ЖРК Вардар успешно опстојува на македонската сцена со тим составен од нашиот младински погон. Добија шанса да напредуваат и да играат , и ја искористија со успесите, со пласманот во самиот врв во првенството и Купот, со репрезентативните покани на ракометарките, со понудите за трансфери. Полека растеме и созреваме, и сметаме дека сега е вистинско време уште повеќе да се вложиме во ракометот, да им создадеме пат на генерациите што доаѓаат. Да анимираме и привлечеме нови деца, да го доближиме ракометот како спорт уште повеќе до младите девојчиња, вели Гордана Нацева, претседателката на ЖРК Вардар.

Со тие млади генерации под патронат на ЖРК Вардар ќе работи Даниела Новеска, поранешката репрезентативка на Македонија и некогаше член на Кометал ЃП. Своето искуството од играњето сега сака да им го пренесе на помладите и да ги насочи правилно во ракометната игра. Таа покрај во Партизан Кичево, Еуростандард ЃП и Кометал ЃП играше и во Вировитица (Хрватска), Турингер и Бломберг (Германија), кко и во Металург.

„Даниела веднаш ја препозна нашата идеја и визија. Среќни сме што во тимот ќе имаме таков професиналец, кој зад себе има и искуство, но и формално образование. Важно ни е децата да учат од вистински личности и правилно да се насочуваат. Сите заедно ќе се обидеме да помогнеме во реализирање на оваа наша визија. Во две училишта во Општина Аеродром клубот ќе ги има тренинзите на пионерската екипа, па и на помладите категории, вели Нацева.

Веќе се во тек и уписите во школата на ЖРК Вардар, по што ќе има и селекција за оние што се родени 2008 година со цел да бидат дел од пионерското првенство на Македонија.

Сите заинтересирани за дополнителни информации во врска со уписите и термините можат да се обратат на следните контакти:
телефон: 078 299 943
e-mail: noveskadaniela@gmail.com