И понатаму се поделени мислењата околу тоа дали треба да се одржи Светското првенство во Египет следниот јануари.
Челниците на двата најдобри германски клубови, Кил и Фленсбург, се согласни во тоа дека играње на СП е бесмислено.
„Немаме ништо против Египет, но играчите ќе мора да поминат во карантин две седмици по враќањето од Мундијалот. Тоа нема смисла“, изјави првиот човек на Кил, Марк Вајншток за „Билд“.
Претседателот на Фленсбург, Бој Месенбург, исто така не е уверен дека СП во Египет треба да се одржи.
„Египет баш и не ужива репутација на земја со високо ниво“, вели Месенбург.
Затоа Кил и Фленсбург се заложуваат ако СП се одржи во јануари, Бундес лигата да почне по неговото завршување. Од друга страна, од Рајн Некар порачуваат дека немаат ништо против актуелниот календар, и дека клубовите не треба да одлучуваат дали ќе има СП или не.