Домаќинот на Европското првенство 2024 во машка конкуренција имаше поволна ждрепка и доби ривали по мерка.
Селекцијата на Германија ќе игра во групата А заедно со репрезентациите на Франција, Македонија и Швајцарија.
Германскиот селектор Алфред Гисласон, имаше комплименти за ривалите на неговата репрезентација.
,,Тешко дека би можеле да добиете полесен противник за воведниот натпревар. Швајцарија е добар ривал и во еден Енди Шмит имаат голема ракометна икона. Тука ѐ и Македонија, која сигурно ќе пристигне со своите фантастични навивачи и многу ентузијазам за докажување. Тие се ракометна нација и мислам дека групата А ќе понуди одличен ракомет. Со Франција ја правиме групата многу квалитетна. Според моето искуство, шансата да се победи еден таков врвен тим е поголема за време на почетокот на турнирот отколку во вториот круг или подоцна”, изјави Гисласон.
Репрезентацијата на Германија првиот дуел ќе го одигра против Швајцарија, потоа во второто коло ќе игра со Македонија и во последното коло од групната фаза ќе се соочи со Франција.