Германија во 2024 година ќе биде домаќин на Европското првенство во машка конкуренција, а германскиот ракометен сојуз ќе треба да потроши над 24 милиони евра за организација на континенталниот собир, пренесува германскиот портал „Спорт1“.
Првиот човек на ракометниот сојуз на Германија, Марк Шобер, истакнува дека големиот износ за домаќинската улога ќе може да се покрие од продажбата на билетите.
,,Ситуацијата со Ковид 19 продолжува да не загрижува. Што се однесува до финансирањето на Европското првенство, ние целосно зависиме од продажбата на билети, за таа цел потребни ни се полни арени. Само тогаш можеме да ги покриеме трошоците. Европското првенство во 2024 година е одлична можност за европскиот и германскиот ракомет. Се надеваме дека отворањето ќе се одржи на фудбалскиот стадион во Дизелдорф пред 50.000 гледачи”, изјави Шобер за „Спорт1“.
Европското првенство во Германија ќе се игра од 10 до 28 јануари, 2024, во седум града. Македонија во рамки од квалификациите за настап на континенталниот собир во Германија за противници ги има репрезентациите на Португалија, Турција и Луксембург.