Во првиот натпревар во групата Ц репрезентацијата на Германија оствари убедлива победа против дебитантот на европските првенствата, селекцијата на Холандија со 34:23. Германците долго го кршеа отпорот на противникот, но во завршниот дел од мечот квалитетот дојде до израз и избраниците на Кристијан Прокоп стигнаа до планираната победа со убедлив резултат.
На отварањето на мечот се играше израмнето се до 10. минута кога започна серијата на Германците од 5:0 која ги однесе на убава предност во 15. минута од 10:4. Борбените ракометари на Холандија не се предадоа и успеаја да се вратат во натпреварот, во 24. минута имаа само гол негатива, 11:12.
Составот на Германија беше ослабен од 16. минута кога беше исклучен Уве Генсхајмер затоа што го погоди противничкиот голман директно во главата. Сепак, на полувремето фаворитот имаше водство од 15:13.
Холандија успешно одржуваше резултатски приклучок и во поголемиот дел од второто полувреме. Клучната разлика за високата победа Германија ја направи во последните 15 минути. Холанѓаните започнаа да брзаат во нападите што доенесе грешки во нападите и на крајот висок пораз кој сигурно не го заслужија со играта.
Најефикасни во составот на Германија беа Хефнер и Колбахер со по пет погодоци, исто така одлично издание на голот имаше Андреас Вулф со 12 одбрани. Во составот на Холандија, Смитс со седум гола беше најдобар стрелец, а Лук Штајнс постигна шест гола и беше прогласен за играч на натпреварот.