Светското првенство 2023 веќе е во архивите, а на ред е Европското првенство 2024 година во Германија.
Ракометните фанови ќе имаат ретка можност да го испoлнат капацитетот на фудбалскиот стадион во Диселдорф на првиот натпревар на Европското првенство што ќе се игра следната година. Арената може да прими 50.000 навивачи и доколку биде исполнета до последното место – тоа би можело да биде нов ракометен светски рекорд.
Шампионатот ќе биде одигран под мотото – ТУКА ДА ИГРАМЕ и ќе стартува на 10 jануари 2024 година. Ова ќе биде прво Европско првенство во Германија по шампионатот во женска конкуренција 1994 година. Организаторот веќе е подготвен за светскиот рекорд, особено што домаќинот го очекува само противникот за натпреварот број 1, кој ќе биде познат по завршувањето на ждрепката на 11 мај 2023 година.
Интересот за воведниот натпревар е огромен, веќе 40.000 влезници се продадени од капацитетот на Арената со 50.000 седишта. Светските рекорди во ракомет по бројот на гледачи не и се непознати на Германија бидејќи 44.189 гледачи го следеле натпреварот Рајн Некар Ловен против Хамбург во Франкфурт на „Денот на ракометот“ на 6 септември 2014 година.
Билети за овие натпревари се продаваат и почнуваат со цена од 25 евра. Инаку, втората фаза за продажба на влезници ќе почне по извлекувањето на групите на 11 мај 2023 година.