Репрезентацијата на Германија ја оствари втората победа на Европското првенство, а после поразот во второто коло од Шпанија, Германците денеска ја совладаа Летонија со 28:27.
Летонија беше рамноправна во првите 15 минути до резултат 6:6, а потоа Германија го крена нивото на игра и предводени од Јулиус Кун кој беше непогрешлив до полувремето направија добро водство од 16:11 пред продолжението.
На почетокот на вториот дел Германија го имаше највисокото водство од седум гола, а потоа дојде до опуштање и предноста се топеше постојано како што се ближеше крајот на натпреварот. Во 60. минута Јурџс погоди за 27:28, но немаше доволно време за чудо на Летонците.
Најефикасен во тимот на Летонија беше Кристопанс со седум гола, а Крајцбергс постигна пет. Во репрезентацијата на Германија најрасположен беше Кун кој постигна осум погодоци, додека Друкс, Кастенинг и Генсхајмер погодија по четирипати.
Со овој пораз Летонија си заминува дома додека Германија ќе почека само Шпанија да ја оправда улогата на фаворит против Холандија, па да нема никакви дилеми за пласманот во следната рунда. Во секој случај се очекува Шпанија и Германија од Групата Ц да се преселат во Виена.