Георгиевски: Фаворити сме, мора да ја оправдаме таа улога против Романија

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир пред подготовките за бараж двомечот за СП против селекцијата на Романија.

Десното крило Гоце Георгиевски е меѓу најискуните во националниот тим и добро ги познава Романците, бидејќи долго време играше за ЧСМ Букурешт.

„На хартија ние сме фаворити, носители сме во овој бараж против Романија но можам да кажам дека добивме еден од најтешките можни противници. Романија е доста квалитетна репрезентација според мене. Нѐ очекува тежок двомеч. Познат противник веќе игравме еде бараж со нив, но и кај нив и кај нас оттогаш има многу сменети работи. Мислам дека немавме среќа во оваа ждрепка, но тоа е што е фаворити сме и мора да ја оправдаме таа улога“, вели Георгиевски.

Машкиот ракомет се уште е во сенка на женскиот во Романија, а со тоа се сложува и Георгиевски.

„Во Романија главниот акцент беше и на женскиот ракомет и сѐ уште е така, но машкиот ракомет во последниве години зема голем замав. И самото враќање на Чави Пасквал за селектор и поставување за тренер на Динамо Букурешт кажува колку се крена романскиот ракомет. Тие имаат квалитетни играчи имаат неуспех без настап веќе подолго време на големите натпреварувања, но мислам дека се на вистинскиот пат дека имаат добра генерација така што навистина квалитетна репрезентација“, продолжи Георгиевски.

Тешко е за неколку дена од клупски да се префрлиш на репрезентативни обврски, но како за сите, така и за нас.

„Како за нас така и за другите противници можеби е малку згуснат распоред веднаш после клупски обврски треба да се прилагодиш на репрезентативни, не е лесно, нормално, но ние сме професионалци и ова ни е дел од работата, па тоа треба да го пребродиме во од“, заврши Георгиевски.

Македонија и Романија првиот меч ќе го играат на 17 март, додека реваншот е во Букурешт на 19 март.