Репрезентативецот на Македонија кој летово се врати на домашно тло после неколку години интернационална кариера, Гоце Георгиевски е едно од засилувањата во таборот на „црвено-црните“ од кои е очекува да бидат освежување во играта.
Тој смета дека е потребно време за Вардар да го добие својот вистински или и да се сложат сите работи.
„Ние сме нова екипа и јас сум еден од новите ракометари во тимот. Многу е тешко да се вкомпонираме на почетокот на сезоната. Секој ќе си добие шанса. Јас исто така ја чекам својата. Има многу натпревари и сигурно ќе има кога. Важно е да бидеме покомпактни како тим. Ни треба време, но како поминува покажуваме подобра игра. Со Нексе имавме малку среќа. Сега играме со Загреб, а против овој тим Вардар игра минимум по 3-4 натпревари во година. И Загреб има промени, нов тренер и многу нови млади ракометари“, вели Георгиевски.
Тој смета дека играњето пред празни трибини нема да даде предност за никого и дека тоа ќе биде шанса за секој од тимовите.
„Очекувам голема борба на теренот. Нема публика и тоа е практично неутрален терен. Никој нема да има предност. Очекувам борба и неизвесен натпреар. Се надевам дека ќе се пласираме во финале, а потоа ќе размислуваме за тој дуел“.
Смета дека вистинското допрва ќе дојде и дека Вардар повторно ќе биде на високо ниво.
„Како нов во Вардар сум задоволен од условите и како се работи на тренинг. Мислам дека ќе покажеме многу годинава. Слабиот старт не мора да значи ништо. Сезоната е долга. Треба време да се наместат коцките. Имаме доста искусни и млади играчи и сето тоа може да се вкомпонира и да се направи добар резултат“, изјавува Георгиевски.
Средбата со Загреб е утревечер од 20:30 часот, а финалето е во истиот термин в недела.