Георгиевски: Ниту еден меч со Нексе не е лесен, но ние одиме на победа

После натпреварите со репрезентацијата на Македонија во квалификациите за Европското првенство, ракометарите се враќаат во клубовите, а вардарци веќе утре ги очекува дуел со Нексе во рамки на СЕХА лигата.

Вардар гостува во Нашице и ова ќе биде средба на која нема друг избор освен да се победи, а и ракометарите се свесни за тоа.

„Нè очекува добро познат противник против кого сме играле многупати досега. Ни следува период после ЕХФ неделата и настап во репрезентацијата и ни недостасуваат некои играчи. Веднаш патуваме, во среда играме. Немаме многу време. Го анализиравме тој меч што го игравме во февруари. Сигурно ќе биде тешко. Ниту еден меч со Нексе не е лесен. Ќе одиме на победа, зошто сакаме и подобро да бидеме пласирани на табелата. Нексе има нов тренер, малку имаат сменето во играта, во одбрана и напад, но горе – доле тоа е истата екипа“, коментира еден од поискусните во тимот, Гоце Георгиевски.

Средбата се игра утре од 17 часот, а ова ќе биде дуел на кој ќе се види формата на Вардар пред средбите од Лигата на шампионите.