Ракометарките на Гевгелија ја остварија втората победа во годинешната сезона, откако во натпревар од 7. коло од Женската лига славеа против дебитантот Скопје со резултат 30:27.
Домаќинките во финишот направија од готово-вересија, бидејќи гостинската екипа намали на 27:25 и остана во игра за освојување на барем бод од дуелот, кој беше одигран во спортската сала „26 Април“, но поискусната екипа предводена од двете екс репрезентативки на Македонија, Мери Гичева и Ленче Илкова, не дозволи изненадување.
Гевгелија имаше одличен старт против дебитантот и по десет минути игра дојде до водство од 7:1. Младата екипа на Радуловиќ немаше одговор за брзата транзиција на домаќинките, кои лесно стигнуваа до голови и веќе кон средината на првиот дел имаа водство од 10:2. Во последните петнаесетина минути од првиот дел Скопје успеа да заигра поангажирано и сѐ почесто доаѓаше во позиција да го загрози водството на домаќинот.
Домаќинките по водството од 11:4 се опуштија и опуштеноста во домашните редови ја искористија гостинките и со серија од 3:0 намалија на 11:7. До крајот на полувремето се играше гол за гол и екипата на Гевгелија беше во водство од четири до пет гола разлика. На пауза резултатот гласеше 19:14 во корист за составот на Татјана Љатева.
Во вториот дел Гевгелија имаше предност, најчесто водеше со пет гола разлика и во финишот целосно се опушти. По водството на домаќинките од 27:22, тимот на Скопје со три гола во низа намали на 27:25. Два гола разлика беше уште во два наврати и поискусните ракометарки на теренот со голот на Димова во последната секунда ги поставија конечните 30:27.
Најефикасна во победничката екипа беше Мери Гичева со девет погодоци. Кај Скопје листата на стрелци беше предводена од Попова Јасмина со седум гола.