По три последователни порази во Женската лига, екипата на Шампион им се врати на победите во домашниот шампионат, откако во денешниот дуел против екипата на Гевгелија славеше со два гола разлика, 26:24. На натпреварот, кој беше одигран во спортската сала ,,Автокоманда” формално домаќин беше тимот од Гевгелија.
Освен почетните 2:2 во воведниот дел, сѐ друго мина во знакот на ,,гостинките”, кои во најголемиот дел од натпреварот имаа контрола на резултатот и успешно се справуваа со поискусните ракометарки. По нерешениот резултат (2:2), тимот на Шампион заигра поангажирано, се одлепи на 6:3 и во еден период ги имаше и највисоките четири гола разлика, 8:4. Гевгелија во последниот период од првото полувреме фати приклучок и со одлична серија од 4:0 дојде до израмнување на резултатот, 8:8.
Екипата на Гевгелија единствено преку искусните Гичева и Илкова беше закана за помладиот тим. Шампион не дозволи целосен пресврт, се консолидира, успеа да сѐ надмине себе си и на полувреме замина со предност од плус два, 12:10.
Тимот на Шампион во второто полувреме постојано одржуваше предност од два до три гола разлика и во ниту еден момент неговото водство не беше загрозено. Ракометарките на Гевгелија секогаш кога требаше да дојдат до израмнување, недостасуваше да го направат вистинскиот чекор и да се изборат барем за бод.
Анастасија Митова со девет, Симона Димитриевска и Михаела Кралева со по шест погодоци одлично си ја сработија задачата и беа најефикасните во победничкиот тим, додека во поразениот табор се истакна поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, која постигна седум погодоци.