Гаџа: Одиме на победа и во Битола!

Ракометарите на Вардар одиграа одличен натпревар и убедливо го совладаа најголемиот ривал во Супер лигата, Еурофарм Пелистер со 35:27 во првата пресметка од плеј-офот. Македонската Суперлига нуди возбудливи дуели, но ниту еден од останатите тимови не е блиску до водечката двојка. Вардарци сега имаат предност од осум голови пред вториот решавачки дуел во Битола кој ќе го даде победникот во македонското првенство.

Еден од најдобрите играчи на теренот беше Анте Гаџа, за кој тимот од Битола немаше решение. Хрватот лесно пробиваше низ средината и заедно со Дисингер беа најефикасни со по седум гола. После натпреварот Гаџа го истакна задоволството во изјава за 24Ракомет.

„Се подготвувавме за овој дуел, знаеме дека Еурофарм Пелистер ни е најголемиот ривал. Дадовме се од себе и покажавме дека сме добра екипа, одигравме одличен натпревaр и заслужено победивме. Знаеме дека се одлична екипа, но мислам дека денеска ние бевме на вистинското ниво и на крај мислам дека резултатот е реален. Сакавме да играме брзо, Столе тука прави одлична работа со блокирање, денеска поминувавме низ средината, на некој друг тоа ќе биде од крило. Денеска игравме многу разновидно и да ги реализиравме зицерите ќе славевме уште поубедливо. Иако имаме осум гола предност сигурно дека и на дуелот во Битола ќе одиме на победа. Ќе биде сигурно полесно со предност, но одиме на победа. Немаме време за одмор, веќе во понеделник играме натпревари од Купот и тоа два меча, а потоа полека започнува подготовката за Веспрем. Ќе се обидеме да одиграме слично како денеска па ќе видиме колку ќе успееме“, изјави Гаџа за 24Ракомет.

Во следниот период на Вардар му претстои вистински предизвик во Лигата на шампионите и двомечот со шампионот на Унгарија, Веспрем. Пред тоа Вардарци ќе имаат обврски во Купот на Македонија кои ќе им послужат за последни подготовки.