По Лука Циндриќ и Игор Карачиќ, трет хрватски плејмејкер има европскиот шампион Вардар во последните неколку сезони.
Тоа е Анте Гаџа, кој од Загреб се пресели во Скопје, а друштво на оваа позиција исто така ќе му прави уште еден Хрват, Ловро Јотиќ.
„Вардар е европски шампион и тоа беше голем предизвик за мене. Менувањето на државата исто така е предизвик, бидејќи ракометот е многу популарен во Македонија. Луѓето ја разбираат играта, салите секогаш се полни и едвај чекам да играм пред публика. Вардар е чекор напред во мојата кариера“, вели Гаџа.
Има многу играчки промени во составот на Вардар, па затоа ракометарите се уште „се бараат себе си“.
„Имаше многу промени, но дел од носителите на играта останаа во Скопје, а тоа значи нешто. Секако дека се чувствува мал притисок, дресот на Вардар има тежина и целите се секогаш високи. Ние ќе направиме се за нашите навивачи да бидат среќни и горди. Се надевам наскоро ќе го фатиме вистинскиот ритам“, продолжува Гаџа.
Утре Вардар го чека реванш четвртфиналниот дуел против Нексе од регионалната СЕХА лига, а Гаџа очекува победа.
„Предноста од првиот натпревар не е голема, но ние играме на домашен терен и очекуваме да се пласираме на завршниот турнир. Со нашите навивачи сигурно ќе беше полесно. Ако го победиме мојот поранешен тим Нексе, во полудфиналето ќе играме против уште еден мој екс клуб, Загерб. Нексе не менуваше многу во ростерот и тоа е нивната предност“, заврши Гаџа.
Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.