Екипата на Вардар денеска обезбеди бод на гостувањето во Битола каде што во најголемиот дел од средбата беше во предност. Сепак, и овој бод е рамен на победа за Вардар бидејќи со него доаѓа во предност во меѓусебниот дуел против Еурофарм Пелистер.
„Сметам дека заслуживме да победиме бидејќи водевме во најголемиот дел од средбата. Имавме 4-5 разлика, но не можевме да направиме и повеќе. Не можевме да играме комплетни поради правилата, па моравме постојано со истите шест. Да бевме комплетни многу порано ќе го решевме овој дуел. Паднавме во ритамот, но земавме бод, па доколку до крај победиме на сите натпревари тогаш ќе пренесеме најмногу бодови во плеј-офот што мислам дека можеме да го направиме“, коментираше после средбата, најдобриот играч на Вардар денеска, Анте Гаџа.
И тој како и тренерот Недановски потврди дека биле подготвени за овој натпревар, но воедно и дека нема тајни меѓу двете екипи.
„Овие два дена работевме специјално. Знаеме дека се во добар ритам и добро играат во Лигата на Европа. Им честитам за борбата денеска и покажаа дека се добар тим. Инаку, немаше ништо изненадувачко. Имаме одиграно многу натпревари и мислам дека се знае сè и сè е добро познато“, коментираше Анте Гаџа.
Вардар до крајот на овој дел од сезоната го има уште дуелот против Бутел Скопје, а потоа во февруари ќе биде главното кога ќе се финишира регуларниот дел од сезоната и ќе стартува плеј-офот.