Во рамките од 12. коло од шампионатот на Турција, екипата на Коњалти, во која настапува репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска и екс ракометарката на Металург, Ивана Гакидова, се избори за голем бод против Измир откако натпреварот заврши без победник, 28:28.
Измир е еден од фаворитите за освојување на шампионската титула во турскиот шампионат заедно со скапиот проект на Кастамону и лидерот на табелата, Јаликавак.
На овој натпревар во одлично светло се претставија двете интернационалки од Македонија. Гакидова заедно со поранешната ракометарка на Вардар, Алена Ихнева, постигнаа по шест погодоци за Коњалти, додека Јанеска четирипати се запиша во листата на стрелци и подели неколку асистенции кон нејзините колешки.
Коњалти со новиот освоен бод се позиционираше на 3. место на табелата. Екипата моментално има 17 освоени бодови, два помалку од Измир, кој моментално се наоѓа на второто место и три бода помалку од актуелниот лидер, Јаликавак.
Во 13. коло, Коњалти ќе се соочи со екипата на Анадолу од Анталија. До крајот на сезоната остануваат уште десет кола. Коњалти има голема шанса да ја освои шампионската титула и да избори учество во Лигата на шампионите за следната сезона.