В среда се добива распоредот за ракометната титула

Откако вчера беа одиграни трите последни натпревари за есенскиот дел од сезоната, веќе станаа познати сите групи за пролетниот дел од сезоната односно плеј-оф и плеј-аут групите и од Супер и од Првата машката лига.

Во секоја од групите ќе има по осум екипи така што ќе можат да бидат видени по 14 кола и ќе биде сигурно доста интересно бидејќи сите ќе имаат за што да се надигруваат.

Веќе в среда од 12 часот ќе бидат извлечени стартните броеви така што ќе биде познат и распоредот и ќе може да се стартува со подготовката за натпреварите кои ќе претстојат најверојатно од почетокот на март или најрано втората половина од февруари.

Осумте екипи кои се дел од плеј-офот во Супер машката лига ќе се борат за титулата, како и за местата кои ќе водат во Европските купови. Во плеј-аутот битката ќе биде за првите две места. Првопласираниот состав од плеј-аутот оди директно во Супер лигата, а втопласираниот ќе игра бараж.

Во плеј-оф лигата од Првата машка лига ќе има надигрување за првата позиција, а оној што ќе дојде до неа ќе мора и во бараж против второпласираниот од плеј-аут лигата во Супер машката лига.

Осумте екипи од плеј-аутот ќе разигруваат веројатно за опстанок во Првата лига бидејќи може да се очекува следната сезона да има формирање и на Втора лига така што ќе биде интересно и возбудливо.

Сепак, прво ќе треба да се почека за ждрепката и добивањето на стартните броеви, па да се почне со кроењето на планот за вториот дел од сезоната.

СУПЕР МАШКА ЛИГА

ПЛЕЈ-ОФ: Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, Охрид, Пролет 62, Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер 2, Струга.

ПЛЕЈ-АУТ: КЛ 7, ГРК Тиквеш, Радовиш, Прилеп, Јуниор Кисела вода, Работнички, Астраион, Младост 1977.

ПРВА МАШКА ЛИГА

ПЛЕЈ-ОФ: Скопје 2020, Аеродром, Драчево, Металург РА, Шампион, МРК Куманово, Јехона, Вардар Неготино.

ПЛЕЈ-АУТ: ГРК Борц, Преспа 2015, Текстилец, Делчево Вардар, Риниа М, Партизан 2016, Кичево 2020, Македонија ЃП.