Русинката Ана Вјахирева сигурно е една од најдобрите светски ракометарки последниве години, но и малку поразлична од останатите колешки.
Во невообичаено интервју за рускиот „Спорт експрес“, 25-годишната ракометарка сподели информации меѓу кои и дека не користи социјални мрежи и иако оди во црква не е од православната вера.
„Во минатото ги сакав социјалните мрежи, но брзо се „оладив“. Имаше доста непријатни моменти. Подобро е да не се мешам. Колку што е можно споделувам некои работи, сепак ми се допаѓа што имам приватен живот за кој никој ништо не знае. Верувам во Бог, моите родители се верници. Некако спонтано одам во црква, но јас не сум од православната вера. Само верувам, знам дека тој е тука и многу ни помага на сите“, рече Вјахирева.
Разноврсноста на теренот ја краси Вјахирева, ниска, брза и незапирлива. Таа со репрезентацијата на Русија е освојувач на златен медал од Олимписки игри и Светско првенство, а исто така има и сребрен медал од Европско првенство.