Вчера доби отказ од клубот, денеска стана селектор на репрезентација

Откако доби отказ од турскиот шампион Кастамону, тренерот од Романија, Костика Бучечи денеска беше назначен за селектор на женската сениорска репрезентација на Турција.

Искусниот тренер од Романија неколку години работеше како асистент во романската женска репрезентација, која во еден период беше предводена од Амброш Мартин и Томас Риде.

За Бучечи ова ќе биде прво големо искуство како селектор. Тој ќе се обиде да ги поправи лошите резултати на турската репрезентација.

,,Многу сум среќен што имам можност да бидам селектор на турската репрезентација. Заедно со мојот тим ќе создадеме силна екипа, која ќе може да се бори против противниците од сите нивоа. Една од целта ќе ми биде да пронајдам млади и талентирани играчи кои во иднина ќе го формираат костурот на репрезентацијата“, изјави Бучечи.

Својот деби настап како селектор на Турција, Бучечи ќе го има во месец март во рамките од третото коло од квалификациите за Европското првенство 2022 кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора.

Турција на 6 март на свој терен ќе се соочи со Исланд, а во последните две кола ќе игра против селекциите на Шведска и Србија.