За неполн месец Оливие и Кевин Њокас одлично се адаптираа во Вардар, а за тоа најдобро говорат нивните настапи и учинокот во натпреварите од Лигата на шампионите. Како главен виновник за тоа го посочуваат стратегот на „црвено-црните“ Веселин Вујовиќ со кој првпат соработуваат.
„Тренерот е посебен и различен. Не знаев што да очекувам на почетокот. Го познавав Вујовиќ како тренер и сум играл против тимови кои тој ги водел. Знам дека е енергичен, динамичен, тој е како вода. Има многу силни карактери во тимот, но тој знае како да направи сите да функционираат. Ние не сме ниту еден месец во клубот, а веќе се чувствуваме како дел од него. Вуја има многу почит кон секој играч и ни дава многу слобода во она што може да му го дадеме на тимот, барем јас така го доживувам“, вели Кевин.
Оливие слично ја опишува соработката со стратегот.
„Вуја направи да не се чувствуваме само како двајца играчи кои дојдоа во тимот, туку тој веднаш ни даде место. Направи тимот да нè прифати. Нормално првите денови беше потешко, но сега сè е подобро, се вклопивме, го разбираме системот и брзата адаптација е благодарение на тренерот. Многу поранешни соиграчи и пријатели ме прашуваат како е да се работи со Вујо, бидејќи од страна некогаш делува лудо (се смее). Но, тој е толку човечен, тоа е неверојатно! Ти го дава она што ти е потребно, не сум имал таков тренер. Имаат сличности со Анти. Двајцата знаат како да водат група луѓе, знаат како да го извлечат најдоброто од играчите… Интересно е што секогаш ни кажува приказни. Различни приказни, тоа е неверојатно затоа што делува како обичен разговор, но на крајот секогаш има поента – секако ако знаеш и ако сакаш да ја препознаеш. Ни се допаѓаат неговите методи. Ни верува, ни дава слобода која ни е потребна. Сум имал шпански тренери кои бараат голема прецизност и те става во некои граници, додека начинот на кој Вујо ја гледа играта повеќе одговара за нас. Понекогаш мислам дека сака да ме убие (се смее), но и тоа е дел од страста во играта.“
Погледнете го интервјуто со Кевин и Оливие подолу…
ИНТЕРВЈУ ОЛИВИЕ И КЕВИН ЊОКАС: Нашата игра е најдобар доказ колку сме среќни во Вардар