Тимот на Вардар врза три порази по ред во Лигата на шампионите откако не успеа да одигра две добри полувремиња против Кил и во вториот дел ја загуби предноста, па финишираше со резултат од 26:29.
Тренерот Веселин Вујовиќ вели дека лошата одбрана и техничките грешки во вториот дел го решија победникот.
„Честитки за Кил на заслужената победа. Имавме надеж пред мечот дека може да победиме иако тоа е тешко против ваква екипа. Во првиот дел бевме некако блиску, но се мачевме во нападот и не можевме да решиме преку бековите, шутерски бевме на нула. Добриот резултат по првиот дел беше поради одбраната и одличниот Томовски. Пробавме да играме седум на шест, иако знам дека тоа е проблем и за гледачите и за нас на клупата. Во вториот дел водевме со три разлика и застанавме. Не знам што се случи, направивме технички грешки, и примивме дури 19 гола, што е премногу. Заслужено загубивме. Има некои играчи што треба да се размисли дали од полусезона ќе бидат членови на Вардар, бидејќи очекуваме нешто од нив, тие мора да го оправдаат нивното доаѓање во Скопје“, вели Вујовиќ.
Следен предизвик за вардарци ќе биде гостувањето кај унгарскиот првак ПИК Сегед на 17 ноември.