Репрезентацијата на Црна Гора по пауза од десет години повторно ќе учествува на Светското првенство.
Избраниците на Зоран Рогановиќ место меѓу најдобрите репрезентации на Мундијалот во Полска и Шведска изборија, откако во квалификациските натпревари на двапати ја совладаа Грција.
Еден од поискусните во црногорската репрезентација, левото крило Милош Вујовиќ очекува добар пласман на Мундијалот. За потсетување, Црна Гора на Светското првенство во јануари ќе игра во групата А заедно со репрезентациите на Шпанија, Чиле и Иран.
„Ако го прашате народот што очекува, веднаш би рекле ние одиме да земеме медал. Сега, треба да бидеме реални и паметни, се разбира, ние не отстапуваме од големите цели, но треба да одиме чекор по чекор. Играме на Светското првенство после 10 години. За пoголемиот број од ракометарите тоа ќе биде прво Светско првенство, големо натпреварување и големи очекувања. Единствено што можам да кажам е дека ќе продолжиме да играме и да го даваме последниот атом сила како што правевме досега. Посакувам оваа „љубов“ повторно да не собере, бидејќи без неа нема што да бараме. Сакаме да ја израдуваме нацијата и сакаме да ја вратиме Црна Гора таму каде што и ѐ местото – на самиот врв! Оваа земја и овој народ го заслужува тоа“, изјави Вујовиќ за црногорскиот портал ,,Колектив”.
Вујовиќ на лето ќе го напушти составот на Фуксе Берлин и ќе има нов клуб во својата кариера. Црногорецот својата интернационална кариера ја започна пред 11 години, откако имаше краток престој во Пелистер, кој во тој период беше предводен од сегашниот тренер на Црвена Звезда, Ратко Ѓурковиќ.
,,Мојот прв ангажман во странство беше во Македонија, во клубот Пелистер каде потпишав договор на три години. Сепак, по неколку месеци поради лошата финансиска состојба во клубот и неможноста за негово функционирање, морав да се вратам назад. Таа прва разделба од семејството некако ми остана во сеќавање, беше многу возбудливо затоа што го сакав, а и тешко затоа што за прв пат се одвоив од семејството и самиот почнав „нов“ живот. Се сеќавам на тој стан, (прозорци без завеси, кревети без чаршафи и подови без теписи) сам меѓу четири ѕида. Но, ми рекоа дека така се станува шампион и дека сѐ ќе се смени со текот на времето”, заврши Вујовиќ за црногорскиот портал ,,Колектив”.
Репрезентативецот на Црна Гора нема да настапи на двете проверки против Македонија што ќе се играат во Маврово.