Една победа и пет порази оствари Веселин Вујовиќ како селектор на Иран на Светското првенство и со таков биланс неговата репрезентација го освои 24. место во генералниот пласман.
Со ваков учинок популарниот Вујо, не е сигурен дали ќе остане на кормилото на иранската репрезентација.
Ќе имам состанок со претседателот на федерацијата веднаш по шампионатот. Но, ако веднаш ме притиснат, ќе им кажам НЕ. Треба да одморам малку неколку дена, но секако дека ќе разговарам со нив. Не знам дали ќе продолжам да бидам селектор на Иран. Голем дел од нивната работа не е како во нормалните федерации и земји. Секој ден треба да се борам за работи за кои ништо не знам. Постојано сум нервозен, изјави Вујовиќ за данската телевизија ТВ2 Спорт.
Договорот на Вујовиќ заврши по Светското првенство. Иран на шампионатот оствари една победа во групната фаза совладувајќи го Чиле во директниот дуел со 25:24 и со тој триумф избори пласман во втората фаза каде ги загуби сите натпревари.