Некогашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ, вторпат замина од клупата на Загреб.
Овојпат причините се лични, но медиумите веќе го поврзаа заминувањето од Загреб со преземање на Вардар.
Сепак според Вујовиќ, причината за враќање во Шабац, е регулирање на имотно-правни односи.
„Не можам да бидам на две места во исто време. Им кажав на луѓето од клубот дека имам проблем во Шабац, кој не можам да го решам ако не сум таму. Имам приватен бизнис, кој ќе пропаднеше ако останев во Загреб“, вели Вујовиќ за „Вијести“.
Тој откри дека ова не е трик за враќање во Скопје, но дека постои и таква можност.
„Тие гласини започнаа веднаш откако Михајловски го презеде клубот. Но заминувањето од Загреб не е трик за преземање на Вардар. Сепак, јас не ја исклучувам можноста да се вратам во Вардар, но прво треба да ги средам приватните проблеми“, заврши Вујовиќ.