Репрезентативецот на Црна Гора, Бранко Вујовиќ смета дека неговата репрезентација може да ја помине својата група и да се пласира во главната рунда на Европското првенство 2022 кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка.
Младиот ракометар убеден е во квалитетот на црногорската репрезентација, но исто така истакнува дека сите ривали на Црна Гора се силни.
„Мислам дека имаме одличен тим и кога сите сме здрави и кога сите играме еден за друг, можеме да победиме во секое време, тоа го докажавме на многу натпревари. Групата не е лесна, имаме многу силни противници како Данска, Словенија и Македонијаte, но нема потреба да бараме алиби. Имаме квалитет и време е да се пласираме во главната рунда“.
Десниот бек на Црна Гора прикажува солидни настапи за екипата на Келце во рамките од Лигата на шампионите. Одличен беше на дерби натпреварот против ПСЖ, постигна четири гола од пет обиди и имаше неколку асистенции. Иако Вујовиќ има само 23 години, се очекува да биде еден од предводниците во црногорската репрезентација.
„Не го чувствувам тој притисок, но секако ќе дадам сѐ од себе за да одиграм најдобро што можам и да продолжам во ритамот во кој ја отворив сезоната. Сакам пофалби, но не се навраќам на нив. Морам да продолжам да тренирам и да играм како порано. Ако премногу се фокусирам на пофалбите , тоа ќе ми ја наруши концентрацијата. Најпотребно е да останам на земја и да продолжам да играм најдобро што можам“.
Црна Гора како противници на Европското првенство 2022 ги има репрезентациите на Македонија, Словенија и Данска во рамките од Групата А.