Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ пред првиот натпревар против Пик Сегед е задоволен што може да смета на сите ракометари и да ги има на тренинг така што ќе може да го извади најдобриот состав на терен за дуелот во Унгарија.
Трите порази во серија оставија трага и сега се бара начин да се прекине со оваа лоша низа и да се влезе во подобар период.
„После паузата поради ЕХФ неделата продолжуваат натпреварите од Лигата на шампионите. Сите сме тука и тоа е она што е важно за нас. Пик Сегед нѝ е познат тим и еден од најдобрите во Европа во моментов. За нас ова е како да играме бараж бидејќи играме во Сегедин, па потоа следната седмица во Скопје. Вардар мора да ја прекине оваа серија на порази после Алборг, Монпелје и Кил. Нашата шанса за тоа прво е против Пик Сегед. Мораме да излеземе подготвени и храбри. По трациција Вардар игра добро против Пик Сегед како гост и се надевам дека и овој пат ќе биде така“, рече Вујовиќ пред дуелот против Пик Сегед.
Првиот натпревар во Унгарија се игра в четврток од 18:45 часот. Следниот дуел е исто така в четврток, но на 25 ноември во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:45 часот.