Некогашниот стратег на европскиот првак Вардар и селектор на македонската репрезентација, Веселин Вујовиќ, откри дека минатото лето требало да седне на клупата на „црвено-црните“.
Лани сопственикот Сергеј Самсоненко пред освојувањето на титулата во Лигата на шампионите најави дека нема повеќе да го спонзорира Вардар, но откако беше освоена, се премисли.
Во меѓувреме поранешниот спонзор Михајло Михајловски правеше планови за спас на Вардар и била договорена соработката со некогашниот стратег.
„Пред доаѓањето на Писонеро во Вардар и пред да се врати Самсоненко, јас бев договорен да се вратам во клубот со Михајло Михајловски. На крајот излезе вака како што излезе, којзнае зошто е тоа добро. Ако градот, Агенција за млади и спорт, и уште неколку спонзори направат добра стратегија, Вардар би можел да преживее“, кажа Вујовиќ за „Балкан Хендбол“.
Тој сега е на клупата на хрватскиот првак Загреб, каде што се врати по завршувањето на ангажманот во српскиот Железничар Ниш.