Вујин: Го одбрав Вардар да биде последна етапа во мојата кариера, Карачиќ ми кажа само убави работи…

Поранешниот српски репрезентативец Марко Вујин е најзвучното засилување за европскиот првак Вардар ова лето.

Некогашниот член на Веспрем, Кил, Дунафер, Спортинг Лисабон во интервју за „Спортски Журнал“, откри дека го одбрал Вардар да биде последен клуб во неговата кариера.

„Ќе биде тоа враќање на нивото на ракомет во клуб сличен на оние во кои минав најголем дел од кариерата. Вардар во последните три години два пати беше првак на Европа, и се уште е шампион…ако дозволи Бог, да се среди ситуацијата со коронавирусот, сакам да заиграме пак во полна сала. Со Кил двапати гостував кај Вардар и се сеќавам на таа фантастична енергија, како на пример во Веспрем и Кил. Таму се дише за ракомет. Никогаш немам играно на Балканот, го одбрав Вардар да биде последна етапа во мојата кариера. Се надевам дека ќе ме посака и спортското здравје“, вели Вујин.

Подготовките на Вардар ќе стартуваат на 18 јули, а Вујин има само пофални зборови за старо-новиот сопственик Михајло Михаловски.

„Во неколку наврати разговарав со претседателот Михајло Михајловски. Ми остави позитивен впечаток, а зборував и со играчи кои играле во Вардар кога тој претходно бил таму, велат дека е вљубен во ракометот. Разговарав и со Игор Карачиќ, ми кажа позитивни работи за клубот, за градот, за салата, за условите. Клубот се погрижи се да ме чека подготвено кога ќе дојдам. Имам само позитивни мисли и влегувам во оваа приказна гладен за ракометните височини. Ќе имам прилика да се запознаам себеси повторно“, заврши Вујин.

Тој ќе ја дели десната бековска позиција со Томислав Јагуриновски и хрватскиот интернационалец Јосип Векиќ.