Најновото засилување за европскиот шампион Вардар е десниот бек Марко Вујин, кој доаѓа од португалскиот Спортинг Лисабон.
Поранешниот српски репрезентативен десен бек ќе се обиде да го замени Даинис Кристопанс, а друштво на позицијата ќе му прават Томи Јагуриновски и Јосип Векиќ.
Вујин вели дека големата ракометна енергија што се чувствува во Скопје го привлекла да му се приклучи на тимот.
„Вардар е голем клуб, актуелен освојувач на Лигата на шампионите. Ме привлече новата приказна на чело со Михајло Михајловски. Голема ракометна енергија се чувствува во Скопје и тоа ме потсетува на ракометните градови во кои играв Веспрем и Кил. Тоа најмногу ме привлече, а секако и одличната екипа што ќе ја има Вардар во наредната сезона. Слушнав се најдобро за условите за работа, луѓето, за градот. Би сакал заедно да имаме успеси достојни за името на клубот“, вели Вујин за „Балкан Хендбол“.
Покрај Вујин, Вардар досега ги донесе Кантегрел, Јагуриновски, Талески, Георгиевски, Векиќ и Гаџа.