Ракометарите на европскиот шампион Вардар утре патуваат за белорускиот град Брест, каде што ќе ја одиграат првата средба од Лигата на шампионите во новата сезона.
Десниот бек Марко Вујин, има одиграно многу натпревари во најелитното натпреварување, и го знае рецептот за добар резултат од незгодното гостување.
„Мислам дека одработивме едни квалитетни подготовки. Ова е една сосема нова екипа на Вардар. Имавме некои потешкотии со воиграноста на дел од пријателските натпревари, но работите одат на подобро до ден на ден и секако очекувам една добра наша партија во Брест. Мешков е една сериозна екипа со многу искуство, го гледавме во Задар на Ф4 во СЕХА. Во Лигата на шампиони нема лесни противници. Ако одиграме квалитетна средба како што знаеме, со добра игра во одбрана и напад и секако со добра полуконтра и контра, како и малку технички грешки, можеме да се надеваме на добар резултат“, вели Вујин.
Натпреварот меѓу Мешков Брест и Вардар се игра в среда со почеток од 18:45 часот во салата „Викторија“.
Во преостанатите натпревар од групата каде што игра Вардар, ќе играат Порто и Елверум, ПИК Сегед ќе го пречека ПСЖ, додека во Германија, бундеслигашот Фленсбург ќе биде домаќин на полскиот Келце.